МИСИЈА
Мисија на извидничкото движење
МИСИЈАТА на Извидничкиот Поречански Одред "Крсте Јон" од Струга е да придонесе во образованието на младите луѓе низ систем на вредности засновани врз Извидничкиот Завет и Закони, да помогне во изградба на подобар свет, каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството.
ВИЗИЈА на извидничкото движење во Македонија е да стане современо, атрактивно и самоодржливо и да обединува млади луѓе преку неговите привлечни и динамични работни активности.
ЦЕЛ на Извидничкиот Поречански Одред "Крсте Јон" од Струга е да придонесува во развојот на младите луѓе во достигнувањето на нивните потполни физички, интелектуални општествени и духовни можности како поединци, како одговорни граѓани и како членови на нивните локални и национални заедници, како и меѓународната заедница.
НАЧИНОТ на остварување на нашата цел е со охрабрување на физичкиот, интелектуалниот, емотивниот, социјалниот и духовниот развој на младите луѓе, како тие би го постигнале својот целосен потенцијал и како одговорни граѓани да го подобрат општеството преку употреба на ИЗВИДНИЧКИОТ МЕТОД кој е претставен преку:
- Завет и закони: да бидат обрзани и да живеат според темелните вредности кои се содржани во заветот и законите.
- Учење преку работа: да создаваат свои ставови, знаења и вештини стекнати со практично извршување на задачи.
- Патролен систем: да бидат дел од мала група ( 6 - 8 ) на врсници кои се под водство на повозрасни.
- Симболична рамка: Симболичната рамка е битен елемент на Извидничкиот Метод. Целта е да се нагласи стилот на живеење врз кој е изградено извидништвото и да им дават позитивни идоли на нашите извидници.
- Природа: Активности на отворено и искуството стекнато од работа во природа.
- Личен напредок: Извидникот треба да се справува со предизвикувачки, прогресивни и креативни активности за да го развие неговиот целосен потенцијал. Со текот на времето треба да му се зголемуваат и задолженијата / обрските за да се запази нивниот личен напредот.
- Поддршка на возрасните: Извидништвото настојува на соработка помеѓу возрасните и младите. Нивната соработка е изградена врз доверба и почитување. Улогата на возрасните е да им овозможи на младите луѓе да го развијат нивниот целосен потенцијал.
ОСНОВНИ ПРИНЦИПИ на извидничкото движење во Република Македонија се:
1. Обврска кон духовниот развој - Прифаќање на духовните принципи, лојалност кон верата која ги изразува и прифаќање на обврските кои произлегуваат.
2. Обврска кон другите - Лојалност кон својата земја заедно со промоција на локалниот, националниот и меѓународниот мир, разбирање и соработка и учество во развојот на општеството со признавање и почитување на дигнитетот на другиот и интегритетот на природниот свет.
3. Обврска кон себе - Одговорност за сопствениот развој.
Член на Сојузот на извидниците на Македонија може да стане секој граѓанин на Република Македонија со давање Завет и кој ја прифаќа и спроведува Програмата на Сојузот на извидници на Македонија, работи по извидничките закони и активно учествува во работата на својата единица. Спрема возраста членовите на извидничката организација се поделени во пет категории и тоа:
а) развигорци - од 7 до 10 години (од прво до четврто одделение во основно образование);
б) помлади извидници и извиднички (поречани и езерци) - од 11 до 14години (од пето до осмо одделение во основно образование);
в) извидници и извиднички (поречани и езерци) - од 15 до 18 години ( прва до четврта година во средно образование)
г) истражувачи - 19 - 21 година ( факултет )
д) сениори - над 21 година ( активни водачи, поддржувачи, пријатели на организацијата и почесни членови )
Извидничкото движење е воспитно, доброволно, неполитичко, самостојно и отворено за сите без оглед на нивната расна, верска или национална припадност, а кои ги прифаќаат неговите начела, принципи и метод за работа.
Сојуз на извидници на Македонија е полноправна членка на WOSM(Светската организација на извидничкото движење).